Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е формирана во март 1945 година, а официјално започнала со работа на 15 ноември истата година со книжен фонд од 3.500 публикации, од кои 500 детска литература. Дел од фондот бил преземен од предвоената библиотека (1935–1940), а дел бил подарок од граѓаните. До 1955 година функционирала како Градска библиотека, а потоа станала Народна библиотека на Скопската околија, задолжена за координирање на библиотечната мрежа. Во 1962 година е прогласена за матична библиотека на подрачјето на Скопје, со задача плански да го развива системот на градски и селски библиотеки.
Со отворањето на клонови во населби и села, како и со подвижната библиотека формирана во 1972 година, книгата станала подостапна и во најоддалечените места. Во 1974 година се спојува со неколку општински библиотеки, со што се создава денешната институција. Денес библиотеката располага со три централни објекти и 20 клонови. Новата зграда, изградена во 1973 година, е еден од најфункционалните библиотечни простори во земјата.
Со вклучувањето во COBISS во 2004 година и со современа компјутерска опрема, библиотеката се разви во модерен библиотечно-информативен центар, кој ја продолжува традицијата на културно-просветна мисија во Скопје и Македонија.
